verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

За македонско–српските односи: Еднаквост на соседи или подреденост на помалиот сосед (2)

on 3 - 06 - 2014       
Српско-македонска граница. Фото: Juanlu y Jessica engerundio, 2007

Српско-македонска граница. Фото: Juanlu y Jessica engerundio, 2007

Ако се има предвид дека цар Душан ја префрлил својата престолнина на југ во Скопје, а тоа значи и Куманово, новинарите не се заинтересирале за тоа зошто албанскиот кампус не се лути за српската окупација од 1912-та, но затоа се лути на окупација од шест века претходно? Македонскиот кампус, од претходно изнесеното видовме, има јасна тенденција да ги „прославува“ сите окупации, па тогаш зошто не и оваа.

 

(Првиот дел од анализата можете да го најдете овде.)

 

Пишува: Сашко Тодоровски, дипломат од кариера / ополномоштен министер

 

Само како пример за реципроцитет или еднаквост во односите да го земеме одбележувањето на денот на Свети Сава во Македонија. Јануари оваа година имаше огромен број јавувања за одбележувањето, за Свечената академија, за присуството на српскиот премиер Дачиќ, неговите средби со нашиот премиер и сето тоа во контекст на добрососедство од највисок ранг. Наспроти тоа, одбележувањето на Илинден во Србија поминува најчесто во знакот на проблемот „Прохор Пчински“. Значи, веќе не се работи за однос МПЦ – СПЦ, туку се работи односот СПЦ и македонската држава и граѓани. Дали на тој план, инаку крајно позитивниот спрема Македонија довчерашен премиер на Србија направил или планира да направи нешто? За тоа на 28.01.2013 г. известува ВебОхрид:

„(…) Постоечките исклучително добри пријателски односи, обостраната посветеност и подготвеност за континуирано продлабочување и надградување на добрососедските односи во функција на просперитетот на двете држави и на регионот со посебен акцент на продлабочување на економската соработка и трговската размена, беа темите на кои денеска во Скопје разговараа премиерите на Македонија и на Србија, Никола Груевски и Ивица Дачиќ. (…) Премиерите Груевски и Дачиќ потенцираа дека помеѓу двете држави немаме крупни отворени прашања, меѓутоа останува прашањето кое ги оптоварува двата народа на релација МПЦ – СПЦ. Според Дачиќ различни се позиците и за Косово и Метохија. (…) Српскиот премиер Дачиќ, меѓу другото, нагласи дека се подготвени да помогнат и да посредуваме во решавањето на црковното прашање. На новинарското прашање дали оваа година ќе можеме да го прославиме 2 Август во манастирот „Св. Прохор Пчињски“, тој потсети дека тоа е објект на СПЦ. „Како држава Србија сака да посредува во работите, односно да се дојде до некое одржливо решение кое во овој момент би било прифатливо за сите“, рече Дачиќ. (…)“

Или, со други зборови, српската држава не планира, на пример, дел од манастирот Прохор Пчински да го прогласи за споменик и на тој начин да попречи празнувањето на македонскиот државен празник да зависи од волјата (или каприцот) на едно приватно лице (СПЦ). Значи, реципроцитет, односно еднаквост по ова прашање – нема. Тоа не е исто што и преземање реципрочни мерки. Тоа, на пример, би било кога Македонија би го дала Зебрњак под концесија на приватно лице кое може во конкретен момент да одлучи дека не може Србите во Македонија и Србија да одбележуваат годишнина од Кумановската битка. Значи, соодветната информација за сложените односи меѓу двете држави граѓаните не можат да ја добијат преку едноставно пренесување на настаните. Овие односи треба да бидат адресирани низ вертикални и хоризонтални анализи кои ќе овозможат и временско следење на промените.

 

КУМАНОВСКАТА БИТКА КАКО ОТСТАПКА

 

Кога сме веќе кај Кумановската битка, речиси еднодушно нашите медиумски јавувања укажуваа дека се работи за некој вид отстапка. Некој помалку гласно, речиси тивко – некој погласно. На пример, на 28.10.2012 г. ЗаСе ќе реагира вака:

„За едни, протерување на Турците од овие простори, а за други, почеток на српската окупација. Како и да е, Република Македонија денеска достоинствено, со највисоки државни почести ја одбележа стогодишнината од Кумановската битка. На свечената прослава присуствуваа претседателот нa Република Србија Томислав Николиќ, министерката за култура на Република Македонија – Елизабета Канческа Милевска, како и бројни српски делегации. Церемонијата започна со интонирање на македонската и српската химна, следеше обраќање на српскиот претседател по што продолжи сеопфатна културно-уметничка програма. На манифестацијата 100 години од кумановската битка, дојдоа голем број Срби од целиот Балкан. Дали за вас Кумановската битка претставува протерување на Турците или почеток на српското ропство??? Коментарите се вашето најмоќно оружје!“

Наредниот ден, 29.10.2012 г., многу покатегоричната изјава на една политичка партија ќе биде објавена на А1он:

„…ВМРО Народна партија денеска реагираше на вчерашната прослава на Зебрњак во Кумановско, кога висока делегација од Србија се поклони пред спомен одбележјето, а со тоа според Народна, Македонија била единствената земја во историјата која си ја прославува сопствената окупација. „ВМРО Народна партија со голем восхит и воодушевување ја поздравува вчерашната прослава на Зебрењак, по повод  сто годишнината од окупацијата на Македонија од страна на Србија. Навистина е оригинална идејата која не можеме да ја сретнеме во ниту една друга историја, еден народ на ваков величенствен начин да си ја прославува сопствената окупација. – Концептот на владата на ВМРО ДПМНЕ за Македонската историја е единствен и неповторлив. (…) Ги охрабруваме (…) да го реновираат и возобноват и самиот споменик на Зебрењак, кој во време на Кралска Југославија бил највисок споменик со 48 м. висина. Само со ваква грандиозна височина може да се спореди срамот, малодушноста и превртливоста кон сите македонски идеали (…).“

Покрај другото, спомнувањето на Кралството Југославија на свој начин ја отвора дилемата дали авторите на реакцијата сакале, можеби и ненамерно, да укажат дека во рамките на федеративна, повоена Југославија ниту Македонија дозволила, ниту Србија си дозволила да го слави поробувањето на федерална држава со која се во иста Федерација? Извесно е дека димензијата на протерување на отоманскиот окупатор сигурно не била причина да не се одбележува годишнината од Кумановската битка. На другата страна, пак, не гледаме како Македонија одбележува некоја таква битка на српска територија или било каков друг пандан. Значи, денес нема реципроцитет по ова прашање. Другата страна на приказната е дали Македонија обележувала датуми што значат српско поробување. Дотолку повеќе што претходната година биле одбележана 99-годишнината. Имено, на 19.06.2012 г. Дневник ќе објави:

„Деведесет и девет години од Тиквешкото востание беа одбележани вчера во Kавадарци. Голем број гости и делегации им оддадоа почит на околу 1.000 загинати и положија цвеќе пред спомен-обележјето, кое сведочи за бунтот против српската окупација на Македонија, по повлекувањето на Турците по Првата балканска војна.На чествувањето на овој настан, кој долги години бил премолчуван во македонската историја, беше нагласено дека востанието од 1913 година е еден од најтрагичните настани во историјата на тиквешкиот регион и една од страниците на крвавата историја на македонскиот народ. На бунтот на Тиквешани му претходеле убиство на еден младинец и силување на млада невеста од Ваташа, од страна на српски офицер. – Момчето настрадало затоа што за себе велело дека е Македонец, наспроти убедувањата да се претставува како Србин – појасни во историскиот час Петре Kамчевски, виш кустос-историчар, директор на Музејот во Kавадарци. Во Тиквешката буна, која траела седум дена, според неофицијалните бројки, загинале околу 1.000 лица. Населението било предводено од старите војводи на ВМРО од илинденскиот период, меѓу кои и Диме Пинџуров, таткото на Страшо Пинџур. За седумте дена слобода биле избрани градска управа и извршна власт, а на општинската зграда се виорело тиквешкото револуционерно знаме. Покрај Неготино и Kавадарци, биле ослободени педесетина села во Тиквешко.  При задушувањето на востанието, српската војска запалила над 1.000 куќи, околу 2.700 луѓе биле затворени и бил вршен страшен терор врз населението. Градоначалникот Александар Панов во обраќањето пред присутните изрази задоволство што политичките претставници на Kавадарци се обединиле кога е во прашање Тиквешкото востание.- Само за седум дена загинале околу еден процент од населението во Тиквешко. Тоа е доказ дека слободата и државноста се платени скапо и со крв. Тие што загинале не го жалеле животот за да се вградат во темелот на македонската државност – нагласи Панов. Тој најави изградба на споменик за стогодишнината од востанието. – Светлана Дарудова“

 

ОД РЕЦИПРОЦИТЕТ НА ВОЗДРЖУВАЊЕ КОН РЕЦИПРОЦИТЕТ НА ПРЕЗЕМАЊЕ

 

Не знам дали имало одбележување на 100 годишнината од Тиквешкото востание или дали е издигнат најавениот споменик за Тиквешкото востание, но, се чини дека во Федерацијата постоел некој вид реципроцитет на воздржување – не се обележувало ниту едното, ниту другото. Дали денес има реципроцитет во спротивната насока, значи преземање активности (и споменици). Македонија му издигна споменик на Царот Душан. За тоа да не го пропуштиме овој настан се погрижи албанскиот кампус. Меѓу другите јавувања е и она од 03.12.2013 г. на Алсат:

„…Поставувањето на споменикот на Цар Душан предизвика реакции од опозицијата. НДП на Руфи Османи оценува дека партиите на власт ја легитимираат, како што велат, српската окупација на териториите со албанско мнозинство.“ За НДП, ваквиот чин ја манифестира срамната и целосна потчинетост на ДУИ кон србофилските политики кои сега веќе јавно се водат од оваа влада…“

Ако се има предвид дека цар Душан ја префрлил својата престолнина на југ во Скопје, а тоа значи и Куманово, новинарите не се заинтересирале за тоа зошто албанскиот кампус не се лути за српската окупација од 1912-та, но затоа се лути на окупација од шест века претходно? Македонскиот кампус, од претходно изнесеното видовме, има јасна тенденција да ги „прославува“ сите окупации, па тогаш зошто не и оваа. Од друга страна, можеби ќе беше интересно да се истражи зошто, за разлика од Елините и Бугарите, кои редовно се лутат кога ќе „украдеме“ некој „нивни“ историски лик – Србите со јасна великодушност не го направија тоа. Напротив, Српската заедница во Македонија застана (како и македонската полиција) зад овој споменик. Надвор од тоа што цар Душан никогаш немал престолнина во, на пример, Белград и токму во Скопје го претставил својот Законик, сепак, прашањето што се отвора по линија на реципроцитет односно еднаквост е – дали во Белград има споменик на некоја личност од македонската историја?

Во секој случај, од реакцијата на НДП произлегува дека улогите се промениле и дека некогашните критичари на врските со Србија сега се видени како „србофили“. И тоа воопшто не ги предизвика новинарите да ги стават под лупа македонско-српските односи. Впрочем, тоа не беше случај ни со Самитот на регионалниот Процес за соработка на Југоисточна Европа што требаше да се одржи во Охрид со оглед на тоа што во текот на една година бевме претседавачи со Процесот. За, ќе го наречеме Откажаниот самит, според Тајм.мк имало дури 314 вести, а сепак самото откажување и посебно последиците по македонските билатерални односи со инволвираните соседи и земји од соседството останаа (новинарска) мистерија.

 

(завршува со идното продолжение)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести