verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

За македонско-косовските односи: трговска војна или соработка

on 4 - 04 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански

 

Македонско-косовска граница. Фото: Chris Guillebeau, 2007

Македонско-косовска граница. Фото: Chris Guillebeau, 2007

Дали тоа косовските власти биле спремни да ризикуваат судбини на сопствените граѓани само и само да ја „казнат“ Македонија „за некакво си брашно“ или не верувале дека Скопје ќе одговори со тнр. „материјален реципроцитет“ или едноставно не ги промислиле доволно последиците од својот потез.

 

Пишува: Сашко Тодоровски, дипломат од кариера и ополномоштен министер

 

Во известувањето за меѓународните односи една од најчестите грешки е пренесувањето парцијална информација или тнр. грешка „pars pro toto“ – кога дел од едно цело го претставуваме, свесно или не, како целина. На пример, ако се појде од известувањето од 21.03.2014г. на ТЕЛЕГРАФ за Нацрт-програмата за прекугранична соработка на Македонија и Косово 2014–2020, па и ако се погледнат линковите за претходни написи во врска со македонско–косовските односи, посебно оние врзани за користењето на ИПА фондовите, се добива впечаток за крајно идилични и хармонични билатерални односи. Но, ако е така, како јавноста да си го објасни настанот за којшто на 05.03.2014, МАКСИМ јавува:

„…Пред стартот на првиот официјален меч на косовската фудбалска репрезентација кој денеска се одигра во Косовска Митровица навивачи ја навредуваа Македонија и го палеа знамето на Србија. Се разбира и двете земји немаа никаква поврзаност со мечот бидејќи Косово, денеска играше со Хаити. Мечот заврши 0:0, а навивачката култура повторно на дело.“

Извесно е дека хармоничните билатерални односи не ја поттикнале таа ‘навивачка култура’.

Можеби треба да се навратиме на настаните од пред само неколку месеци, кога медиумите обемно јавуваа за некаква си „трговска војна“!? Дури, на 10.09.2013 г., за ФАКТОР изгледало дека:

„…Нема решение на повидок за трговската војна меѓу Македонија и Косово, каде што штети трпат и двете страни. Реакциите не стивнуваат, воведено е целосно ембарго за влез на македонска стока во Косово, косовските граѓани пак плаќаат по 5 евра за влез на автомобил и дополнителни две евра за секој патник кој сака да стапне на македонска територија. Движењето на Блаце во меѓувреме е оневозможено и од блокадата на македонските камионџии кои беа први на удар од косовското ембарго. Загубите допрва ќе се пресметуваат и кај компаниите и кај транспортните претпријатија. Само кај камионџиите дневно загубата е околу 200 евра, вели Билјана Муратовска, генералниот секретар на здружението Макамтранс. „Колку подолго ќе трае спорот, толку поголеми ќе бидат загубите на превозниците. Покрај нас во загуба се и фирмите за кои го вршиме превозот. Бараме да се седне и да се преговара и да се престане со овие блокади, зашто ние транспортерите сме први кои ги чувствуваме последиците“, вели Муратовска. Сообраќајот на граничниот премин е блокиран за сите возила и во двата правци.“

Првиот рефлекс би бил да се запрашаме кој прв почна и зошто? Меѓутоа, тука информациите не изобилуваат. Сепак, ден претходно, на 09.09.2013 СИТЕЛ се обидел да ни го понуди следново објаснување:

„Европската комисија денеска побара сите страни во овој судир, што прераснува во целосно ембарго на официјална Приштина за македонските производи и патни такси за Косоварите при влез во Македонија, да се држат до обврските преземени во рамки на Централно-европскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА). – Ние се стремиме кон појаснување на неодамнешните пријавени мерки и очекуваме сите страни да ги почитуваат своите обврски во рамките на ЦЕФТА, рече портпаролот на Комисијата, Петер Стано, во изјава за МИА.

Според македонските власти, условениот увоз на брашно што го воведе нашата земја, а за што е реакцијата од Косово, не е воведена кон оваа поранешна српска покраина, туку кон сите земји од ЦЕФТА и таа е во согласност со правилата на оваа меѓународна организација.

Гласноговорникот на неформалната влада на Европската унија не сакаше да влезе во детали дали ЕУ ќе се вмеша подиректно со цел надминување на спорот меѓу Македонија и Косово, но јасно е дека Брисел одблиску го следи развојот на настаните и посакува нивна позитивна разрешница.“

Меѓутоа, од ова произлегува дека Косово решило, во име на ЦЕФТА и сите производители на брашно – да ја „казни“ Македонија?!! Веднаш се наметнува уште една мала ретроспекција дека Македонија сериозно ги влоши своите односи со Србија (дури и нејзиниот амбасадор во Белград беше протеран, а што, за жал, не беше проследено со реципрочна мерка од македонска страна) токму заради Косово и признавањето на државноста на Косово. Релативно општо познат факт е дека главниот увоз и копнена конекција на Косово условно речено со „светот“ е нашиот Качанички пат. Сепак, Косово вовело трговско ембарго спрема Македонија?

Очигледно дури и новинарите биле збунети од ваквата постапка на Косово, па на 10.09.2013 г., АЛСАТ ќе го започне своето пообемно јавување со цитирање на говорникот на Стопанската комора на Македонија:

„…Мерките што ги воведе Косово кон Македонија не се трговски туку политички. Ова е ставот на Стопанската комора на Македонија од каде велат и дека ЦЕФТА Секретаријатот не може да реагира доколку мерката не е пријавена кај нив, како што е случај со двете мерки што ги воведе Косово. Дополнителен проблем е и тоа што Договорот за ЦЕФТА е потпишан од страна на УНМИК, а не од Република Косово, што на Приштина ѝ остава простор кога е потребно мерката да биде покриена со ЦЕФТА се повика на Догoворот, а кога е вон секој контекст на ЦЕФТА, викаат дека е донесена од страна на Република Косово…“

Се разбира дека  мерките на Косово се „политички“, а дека нивниот трговски карактер е само обид да се затскрие политичкото во нив. Впрочем, можеби токму затоа прашањето за кратката трговска војна косовскиот заменик-министер за надворешни работи, Петрит Селими, го сместил во обраќање на универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон, барем според ВЕЧЕР. Во истото јавување, Вечер посочува и дека:

„… Намалена раздвиженост на патници на граничниот премин Блаце. Многумина поучени од претходните денови се воздржуваат да ја преминат македонско-косовската граница, а само по некој, кој на екипата на Вечер им изјави дека зорт го натерало да го минува преминот и најчесто станува збор за превоз на болни лица од Косово кои на раце или во колички ги префрлаат на македонска територија. Бевме сведоци на една случка кога девојче во тешка здравствена состојба нејзиниот татко и дедо во детско столче и на раце го пренесуваа преку граница за пат до скопските клиники. Вработени на македонската царина ни изјавија дека во текот на вчерашното попладне околу 30-ина болни лица од Косово морале на 30 Целзиусови степени околу еден километар да испешачат или да бидат пренесени од нивните најблиски до местото каде што се паркирани голем број диви таксисти кои ќаруваат од настанатата ситуација. Многумина од нив оделе на дијализа во Скопје или по редовна медицинска терапија….“

Дали тоа косовските власти биле спремни да ризикуваат судбини на сопствените граѓани само и само да ја „казнат“ Македонија „за некакво си брашно“ или не верувале дека Скопје ќе одговори со тнр. „материјален реципроцитет“ или едноставно не ги промислиле доволно последиците од својот потез. Можеби затоа, едновремено со настапот на заменикот министер за надворешни работи во Вашингтон, вицепремиерот и министер за трговија и индустрија на Косово, Мимоза Кусари-Лила ќе изјави дека Приштина е отворена за соработка и очекува за скоро време да се надминат сите проблеми (сместено во истиот напис на Вечер).

Или можеби и Косово решило да игра на „истата карта“ како Тирана, види за Македонско албанските односи (3), односно етницитетот како линија на дејствување, верувајќи дека притисокот над македонската Влада ќе биде посилен од притисокот на аргументите. Имено, според посоченото јавување на Фактор:

„…Во интервју за Нова,  Мендерс Кучи претседател на Комората на северозападна Македонија предупреди дека Македонија ризикува Србија повторно да ги врати позициите на пазарот на Косово. Ваквите тенденции може да се и една од причините во позадината на одлуката на косовската влада, вели Кучи. Според аналитичарот Насер Зибери, економската криза меѓу Македонија и Косово, би можела да биде сценарио на македонската влада за да го одвлече вниманието од, како што вели, вистинските проблеми на земјата, нерешеното прашање за името кое е влезено во фаза на интензивни преговори….“

Како што има сличности, така има и разлики меѓу дипломатот и новинарот. Можеби една од најважните разлики е дека дипломатот не смее да ги обелоденува своите сомнежи и претпоставки. Наспроти тоа, ако еден новинар сака да ја антиципира иднина, а за тоа најчесто му е неопходно да го објасни минатото, тогаш мора да ги артикулира токму своите сомнежи и основани претпоставки и да понуди не само една туку и повеќе алтернативи и за тоа што се случило и за тоа што може да се случи. Во тој контекст, ќе зафати и во прашања за кои нема доволно информации, но, токму некогаш тоа е и начинот да дојде до нив.

(Продолжува)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести