verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

За македонско-албанските односи: Договор за добрососедство и со Албанија? (2)

on 4 - 03 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Радолишта – меѓу Струга и албанската граница, Фото: Jeroen Mul, 2013

Радолишта – меѓу Струга и албанската граница, Фото: Jeroen Mul, 2013

Ако бугарскиот предлог и инсистирање (што ги разгледувавме во рамките на македонско – бугарските односи) добија сосема сериозна покриеност во нашите медиуми, се чини дека не е случај со исто таквата иницијатива за со Албанија. Оние што инсистираат на споредба тука веројатно би инсистирале на одговор на прашањето зошто ваква разлика и не би се задоволиле со тоа дека Бугарија од тоа прави „услов“ за нашето интегрирање во ЕУ (впрочем Албанија може да го направи тоа услов за во НАТО), додека на другата, западната страна тоа е иницијатива на индивидуа…

 

Пишува: Сашко Тодоровскидипломат од кариера и ополномоштен министер

 

Претходно ги погледнавме македонско–албанските односи од аспект на примерот со јавувањата на македонските медиуми за проектот за вештачки, хидроенергетски езера на Луково поле, каде би се собирале корабските води, а каде, со чест на неколку исклучоци, нејзиното височество Споредбата речиси изостана. Сега да погледнеме друг пример, повторно од областа на македонско–албанските односи, а што можеби ќе ни овозможи споредба на едно повисоко, поапстрактно ниво.

На крајот од минатата година во нашите медиуми, малку срамежливо, беше најавено дека македонското малцинство во Албанија се соочува со сериозен проблем. Наводно, Албанија планирала промена на територијалната поделба, а според која поделба општината Пустец, како практично етнички чиста општина, би се споила со некои соседни општини претежно населени со албанско население. Резултатот би бил поразувачки за нашето малцинство, не само од аспект на етничкиот карактер на општината, туку и на сите права што би требало членовите на ова малцинство да можат да ги уживаат.

На почетокот не е видливо зошто Албанија презема таков чекор, но, и зошто „мешаноста“ на евентуално новоформираната општина би значела губиток на, условно речено малцинските права. Ако едното е фактографски податок (била ставена црта во нацрт-законот за територијална поделба на 10.000 жители како минимум за една општина, а Пустец е под таа бројка), второто прашање произлегува од – Нејзиното Височество Споредбата. Имено, во Македонија има повеќе општини каде албанското малцинство е мнозинство на тоа ниво, но, не е апсолутно доминантно. Сепак, тоа не е пречка тие да ги уживаат „малцинските“ права!

 

И Албанија имаше неуспешен попис

 

Дури доста подоцна, или поточно на 19 јануари 2014 година, дел од прашањата добиваат контури на одговор преку интервјуто на Едмонд Темелко, градоначалникот на Пустец за Прес24:

Македонците од Мала Преспа Албанија со сите напори ќе се обидат да ја спречат новата територијална поделба што Владата на Албанија ја најавува за 2015 во кој ја нема единствената општина со македонски градоначалник, Општината Пустец.

Од инаку обемното интервју ги издвојуваме следниве тези на интервјуираниот:

  • Укинувањето на општина Пустец ќе значи уништување на македонскиот културен идентитет на етничките Македонци. Тоа ќе биде катастрофа за македонскиот идентитет. (…) Во новата општина кон која треба да се припои Пустец, Македонците ќе ги изгубат сите елементарни права на едно малцинство, бидејќи таа општина сега има домина(н)тно албанско население.
  • Ние бараме од Македонија да потпише Договор за траен мир и добрососедство меѓу Албанија и Македонија и Договор за положбата и правата на Македонците во Република Албанија и на Албанците во Република Македонија, на заемна, реципроцитетна и рамноправна основа, (..) Тука можам да ја спомнам и средбата на претседателот на Парламентот на Македонија, Трајко Велјановски со неговиот колега во Тирана, Илир Мета, каде јавно кажа дека малцинствата ова територ(и)јална поделба нема да ги задира. Исто така, овој драфт не го поддржува и опозицијата, но не може да го сопре, бидејќи за изгласување на законот потребни се 84 пратеници, а позицијата има 85.
  • Но, за жал,  2011 година се направи лош и фалсификуван попис, каде во законот  за попис во последен момент се смени формуларот и немаше пишана графа за етничка припадност и со амандман се донесе закон за казна од 1.000 долари за сите граѓани што ќе се декларират како не-Албанци, а во матичните книги се внесени како такви. Затоа, ние заедно со останатите малцинства во Албани(ја) го бојкотиравме пописот и не ги признавме резултатите од тој попис. Имаше голем ефект. То(а) може да се види на последниот прогрес рапорт на Совето(т) на Европа за Албанија каде јасно ѝ укажува на Владата Р. Албанија дека не треба да се базира на резултатите од последниот попис при кр(е)ирањето на политики за малцинствата, бидејќи тие беа нереални и не беа признати од сите малцинства во Албанија.

Веќе од првата теза е видливо дека не се работи само за „мешање“ на населението, туку создавање таква општина каде Македонците би биле малцинство и на локално ниво, или исклучително драстична промена. За тоа да се случи, значи, потребно е сегашната општина Пусетец, со над седум илјади жители да се спои со други сегашни општини каде има над осум илјади етнички Албанци без ниту еден етнички Македонец? Тоа мораме да го претпоставиме, бидејќи ниту Темелко ниту новинарите тоа не го илустрираат ниту со бројки, ниту со мапа! Тоа, пак, би значело дека новата општина не само што би го исполнила условот 10 илјади, туку би надминала 20 илјади…

 

Дихотомија кај партиите на малцинствата

 

Од второнаведената и четвртонаведената теза произлегува дека прашањето веќе добило меѓународни размери и тоа како на билатерален, така и на мултилатерален план. Пред да поминеме на тоа, сепак, да ја погледнеме онаа интерполираната, значи малку сокриена третонаведена теза дека опозицијата не може да го запре евентуалното изгласување на законот затоа што позицијата има еден плус (85) глас од потребното мнозинство. Тука Нејзиното Височество Споредбата, за разлика од нашите новинари, веднаш прашува: Стоп! А, како е во Македонија?

Во Македонија е присутна мошне раширена практика и кај постарите демократии каде партиите на малцинствата создаваат дихотомија, која им овозможува барем една нивна партија да е во позиција или во коалиција со позицијата, додека барем една партија да е на „другата страна“. Ако е така, тогаш значи дека еден определен закон што ја тангира односната малцинска заедница практично (па дури и теориски) не би можел да помине без определени гласови токму на претставниците на тоа малцинство.

Од медиумските јавувања за промените на територијалната поделба на Албанија ни останува да се прашуваме дали нашето малцинство воспоставило еден ваков механизам во Албанија или биле толку невнимателно неантиципативни што се „врзале“ само за една политичка опција? Но, зошто би го направиле тоа? Или можеби само Темелко е „врзан“ со актуелната опозиција, до неодамна на власт, па сега се соочува со неволји не како припадник на македонското малцинство, туку како политичар во опозиција. Меѓутоа, ако е така, сигурно дека за прашањето на територијалната поделба на Албанија и последиците по македонското малцинство би се јавиле други македонски активисти (на пример, оние што неодамна беа „наградени од македонската Влада“), бидејќи прашањето дефинитивно ги надминува теснопартиските интереси! Во секој случај, поприличен број прашања што останале недоговорени, а се суштински ако сакаме македонската јавност да разбере зошто ова прашање е – проблем.

Тезата број 2, пак, може да се спореди со тезата на Бугарија дека е неопходно нашите две земји да склучат, исто така – Договор за добрососедство. Ако бугарскиот предлог и инсистирање (што ги разгледувавме во рамките на македонско – бугарските односи) добија сосема сериозна покриеност во нашите медиуми, се чини дека не е случај со исто таквата иницијатива за со Албанија. Оние што инсистираат на споредба тука веројатно би инсистирале на одговор на прашањето зошто ваква разлика и не би се задоволиле со тоа дека Бугарија од тоа прави „услов“ за нашето интегрирање во ЕУ (впрочем Албанија може да го направи тоа услов за во НАТО), додека на другата, западната страна тоа е иницијатива на индивидуа…

 

Договори за добрососедство со Србија, Црна Гора и Хрватска, но не и со Бугарија и Албанија

 

Дали можеби вистинската разлика е во второпредложениот акт, што оперативно може да се нарече билатерална малцинска спогодба. Ако некој новинар се запрашаше за каква тоа спогодба се работи, можеби и ќе дојдеше (релативно лесно) и до тоа дека Македонија има две такви спогодби: едната со Србија и Црна Гора, додека другата е со Хрватска. Тоа, пак, сигурен сум, би ја поттикнало Н.В. Споредбата да отвори прашање по две линии: зошто нема такви спогодби со Бугарија и Албанија и колку е можно да се склучат такви спогодби со овие две земји? А, ако веќе има некој историјат со Бугарија што е пречка, тогаш што е пречка да се склучи таков договор меѓу Македонија и Албанија, кога, ете, и кај нив има македонско малцинство и кај нас има албанско малцинство?

Последната теза, за „фалсификуваниот“ попис во Албанија и реакцијата на Советот на Европа отвораат не само простор за Н.В. Споредбата, туку и за релативно лесна и брза проверка на факти. Првата реакција на Н.В. Споредбата е дека и во Македонија не можеме да се потпреме на статистички податоци од пописот, затоа што – не се одржа, а претходниот беше од статистички аспект – навистина одамна. Сепак, иако состојбата е иста, резултатот е токму спротивниот. Имено, кај нас постапките почнале да се етаблираат врз основа на статистичките констатации од 2002-та, а што значи дека истите не можат да се променат без да се утврди поинаква (бројна) состојба. Наспроти тоа, во Албанија не може да се започне со примена на принципите во функција на заштита на националните малцинства затоа што – нивниот попис не е кредибилен!

Проверката на фактите е навистина лесна доколку се погледне соодветната одлука на Советот на Европа (Resolution CM/ResCMN(2014)1 on the implementation of the Framework Convention for the Protection of National Minorities by Albania, Adopted by the Committee of Ministers on 12 February 2014 at the 1191st meeting of the Ministers’ Deputies). Веднаш паѓа в очи оти Темелко пропуштил да нагласи дека „законот за казна од 1.000 долари“ бил укинат. Тоа е факт, а понатаму може да толкуваме дека од формулациите употребени во Резолуцијата на Советот на Европа може да се насети оти тој важел во времето на спроведувањето на пописните активности. Во таков случај тој „си ја завршил работата“, па поради тоа пописот е некредибилен, а натамошните активности Албанија треба да ги презема врз основа на принципот на „самоидентификација“ (в. Issues for Immediate Action).

Се чини дека иако интервјуто е обемно, сепак, материјата е многу посложена одошто обидот таа да се објасни преку едно интервју, кое, впрочем, е само едно индивидуално видување и тоа на актер во тие настани, а со тоа и оптоварено со разбирливиот и неизбежен субјективизам на таа личност. Можеби се работи за материја што, да речеме, по убедување на новинарските кругови не е „атрактивна тема“, но, се чини, атрактивноста се губи барем во еднаква мера ако се остават огромен број прашања да „висат“. Тоа го вклучува и прашањето дали немало соодветен експерт да помогне во разјаснувањето на една ваква материја?

(Продолжува)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести