verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Псевдонастани: Раскошна претстава на бедата

on 13 - 11 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Човекот се најде во лапидариум од кој нема излез, како луѓето кога се во заложничка ситуација кога ништо друго не може да им помогне освен знаењето. Ова особено се однесува на новинарите и на нивните способности и знаење да ги препознаваат и да укажуваат на псевдонастаните, кои со помош на медиумите се претвораат во медиумска реалност, и да ја преземат улогата на деконструктори и „диверзанти“ за да ги извлечат луѓето од заложничката положба. Се разбира, на патот кон слободата…

 

6239600068_2730271fe3_b

Илустрација: Ian Muttoo

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Медиумските конструкции тендираат да бидат дел од реалноста или да создаваат псевдореалност. Овие феномени го узурпираат јавниот простор и во судир со објективната реалност создаваат конфузија и мимикрија кога станува нејасно што е реално, а што е псевдореално. Овој феномен на медиумската комуникација не е непознат и за тоа постојат бројни студии. Во кусата студија под наслов „Произведување на псевдонастани и симулација на демократија“ („Proizvodnja pseudodogađaja i simulacija demokracije“) на хрватскиот политолог д-р Ангелко Милардовиќ, објавен во месечникот на научни трудови на Центарот за политиколошки истражувања од Загреб, се истакнува:

„Во сферата на политиката медиумите учествуваат со симулација на демократијата. Имено, го симулираат тоа што го нема. Таквата симулација на демократијата, сама по себе, е псевдонастан. Започнува во моментот на конструирање на различни модели на демократија како затворени симболички целини кои не ја одразуваат реалноста, ниту пак таа не може да се изгради на нив … Псевдонастаните не се можни без медиумите. Тие, медиумите, создаваат вештачка, паралелна хиперреалност.“

Заради таквата своја амбивалентност или илузија на реалност, за новинарите е  најважно да научат да ги препознаваат нивните форми и условите во кои се создаваат. Кога новинарите ќе научат како да ги препознаваат, за конечната пресметка со псевдонастаните и на медиумските конструкции им преостануваат вообичаените професионални правила и етички стандарди: правилото на рамноправност на двете страни, потврда од најмалку два извора од кои еден е нeзависен и врвниот од сите – новинарот ќе трага по вистината, вистината и само вистината.

Во својата книга “Постмодерна состојба” (La Condition postmoderne: Rapport sur le savoir) од 1979 година, Жан Франсоа Лиотар анализира дека информациското општество, новите информатичко-комуникациски технологии, новите медиуми, во голема мерка влијаеле на промената на занењето (Rapport sur le savoir). Оттогаш наваму старите медиуми се сѐ повеќе интегрирани во новите медиуми на информатичкото општество.

Генерално, старите и новите медиуми и посебно и заедно, интегрирани на почетокот на 21 век во голема мерка се јавуваат како контролори на општествената стварност, како медијатори во однесувањето на луѓето, во цементирањето на статус кво позициите и тоа преку општествените претстави и забавата кои со помош на медиумите стануваат медиумски конструкти.

 

Контролори на општествената стварност

 

Во постмодерната концепција на медиумите многу е важно постојано да ја следиме врската помеѓу општеството и медиумите, особено денес кога медиумите се под окупација од капиталот и политиката. Кога го имаме тоа предвид можеме да говориме за два аспекта на „постмодерната ситуација“ во медиумите: првиот е укинувањето на слободата и медиумската банализација на општеството и, вториот, тоталитаризмот на медиумите.

 

Some-rights-reserved-by-Tru

Илустрација: Truthout.org

 

Првиот го создадоа диктатурата на пазарот која медиумите и информациите ги третира како најобична стока, односно, роба. Оттаму медиумите, заради диктатурата на пазарот, тонат во „жолтило“ и медиумска баналност, ја заглупуваат јавноста, а сите овие особености заедно завршуваат во популистичка диктатура на баналноста со која се воспоставува контрола врз однесувањето на луѓето.

На луѓето им е доделено правото на глас и им се нудат парламентарни, или било какви други избори, но, во исто време, народот се замајува со спортска патриотска патетика, со пивофести и пиволенди, со пастрмајлијади и пифтијади, со старлети што добиле филмски улоги заедно со Џејмс Дин, Марлон Брандо и Мерлин Монро, со секс на рингла…

Посебна занимлива дисциплина на креирање псевдонастани и псевдореалност кај нас е кумувањето на имиња за нашата држава за севкупна употреба, за замена на референцата, или за билатерална употреба…

 

Општество на псевдонастани за медиумски спетакли

 

Оваа наша „реалност“ и нашата медиумска „стварност“ не се нешто автентично македонско. Имаат историска позадина и сеќавање и знаење. Германскиот филозоф Петер Слотердијк во својата книга „Критика на циничниот ум“ вели:

„Римскиот циркус бил место за трансформација на војничкиот двобој, борбата на воините, во фашистогена претстава… Денеска оркестрираните спектакли сѐ повеќе доминираат во јавниот простор кој отворено се претвора во цикрус. Општеството на забава создадено во римско време, сега се враќа како општество на спектакли.“

Светот и општеството во кое живееме во голема мерка е посредувано од медиумите. Оттаму, логично е прашањето дали сѐ што се случува околу нас е резултат на автентични настани или, пак, е збир од медиумска конструирана реалност? Медиумски контруираната реалност ги крие стварните настани во секојдневниот живот, ги прикрива реалните односи на моќ, го свртува вниманието на небитни содржини и создава хиперреалност посредувана од медиумите, односно од медиумските технологии.

Човекот кому му се припишува терминот „псевдонастани“ е Даниел Бурстин, американски историчар и политички аналитичар. Тој во својата книга „The Image: A Guide to Pseudo-Events in America “ од 1961 година ги предвиде новите трендови на взаемното креирање на реалноста на медиумите и политичките и екномските центри на моќ, што десеттина години подоцна во еден дел го доразвија во системот на постмодерната концепција на медиумите Жак Дерида, Жак Лакан, Жан Бодријар, Мишел Фуко, Умберто Еко, Курт Вонегат, Томас Пинчон…

Еве зошто, според Бурстин, пседвонастаните се атрактивни:

  • Претходно се напишани (подготвени) и драматачни.
  • Вклучуват интересни ликови.
  • Продуцираат слики со иконографски димензии: нестрплива толпа, потресни семејни драми, предимензионирани патриотски балони.
  • Дизајнирани се да бидат смирувачки, односно вознемируваат исто толку колку што оние што ги продуцираат се прикажуваат дека ја „владеат ситуацијата“.
  • Создаваат илузија на информираност кај оние кон кого псевдонастаните се упатени.
  • Еден псевдонастан отвора пат за многу други псевдонастани.

Бурстин, врз основа на овие карактеристики и врз основа на медиумската реалност, безнадежно заклучува дека псевдонастаните ги пренасочуваат реалните теми и реалните настани.

Но, дали мора да биде така. Во институтот Поинтер веруваат дека неколку дози Даниел Бурстин можат да бидат доволни да се создаде новинарски колективен отпор против инфективниот шарм на псевдонастаните. Зошто новинарите, пред да заминат да известуваат за нешто што според многу идниции е псевдонастан, не си ги постават следните прашања:

  • Зошто не би ги соблекол моите кожени салонски чевли и зошто не би ги облекол моите патики за да заминам на долго патување од врата до врата за да поставувам прашања?
  • Ако, што, каде и кога се ептен предвидливи, зошто да не се позанимавам со поважните прашања во случаите на псевдонастаните како што се: кој, како, и зошто?
  • Зошто да не ги соочиме „фактите“ на псевдонастаните со фактите на реалниот живот и со мислењата на најзасегнатите?
  • Кога известуваме за псевдонастани што личат на театарска претстава во 3 чина со светлосни ефекти и нарачани аплаузи, зошто не би ги примениле новинарските алатки и стратегии на театарските критичари?
  • Ако известуваме за псевдонастани кои личат на коњски трки, зошто не би додале малку атмосфера од спортските настани?

Концептот на псевдонастани подразбира планирани настани, репродуктивно известување и двосмислен однос кон стварноста и нејзино маскирање. Како што се појавуваа се поелаборирани форми на симулација, така сѐ повеќе аналитичари поставуваа прашања во потрага по одговорите за тоа што се случува. Многумина од нив имаа заедничка порака: општеството е во опасност од сѐ поголемата улога на илузиите во нашето материјално и културно опкружување.

Широк е спектарот на псевдонастани: политички инсценации, манипулации, симулација на стварноста, конструкција на хиперреалност, „стратешка комуникација“, политички маркетинг, спин, прес конференција, соопштенија за јавност, медиумски кампањи… Токму онака како што опишува Бодријар – измислување и предизвикување настани.

Еден од најдобрите псевдонастани ни се одигра деновиве пред нашите очи во масовни димензии: Истражувањето на американските научници за најглупавите народи на светот. Речиси сите медиуми ја проголтаа јадицата и им ја сервираа оваа фатаморгана на граѓаните како вистина.

Има уште една димензија „залепена“ на концептот на креирање псевдонастани – Пи-аР-от. Многу важна димензија.

Големиот маг на пропагандата и пи-ар-от, Едвард Бернајс, дефинира три важни функции на пропагандата: да информира, да убедува и да интегрира. Ова во голема мерка се совпаѓа со концептот на псевдонастани.

Завршуваме со уште еден релевантен мислител на постмодерното комуникациско општество, Жан Бодријар, како уште еден кој на новинарите им помага да ги препознаваат псевдонастаните. Во својата анализа „Над вистинитото и невистинитото“ (Europski glasnik 10/2005., str. 194.), францсукиот филозоф констатира:

„По целата широчина на секојдневниот живот се спроведува процес на симулација потпомогната од комуникациската и информатичка технологија… Во масовните комуникации оваа постапка добива сила на реалност: реалноста е укината, расплината во полза на неореалноста која се материјализира со помош на медиумите“.

 

Само знаењето може да ни помогне 

 

На тој начин, човекот се најде во лапидариум од кој нема излез, како луѓето кога се во заложничка ситуација кога ништо друго не може да им помогне освен знаењето.

Ова особено се однесува на новинарите и на нивните способности и знаење да ги препознаваат и да укажуваат на псевдонастаните, кои со помош на медиумите се претвораат во медиумска реалност и да ја преземат улогата на деконструктори и „диверзанти“ за да ги извлечат луѓето од заложничката положба.

Се разбира, на патот кон слободата…

3747064314_0b61921dae_z

Илустрација: Federico Morando


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *