verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите и Договорот за добрососедство со Бугарија (2)

on 15 - 01 - 2014       
zaednicki omo radko final

Знамиња на организацијата ОМО Илинден Пирин и здружението РАДКО

Ако се имаат предвид сите проблеми што Бугарија ги имаше со Советот на Европа токму во областа на националните малцинства, пред сѐ поради одбивањето да го признае постоењето на македонско национално малцинство на своја територија и нецелосното или евазивно (не)спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во полза на нашето малцинство во Бугарија, се наметнува впечатокот дека новинарите добиле простор ова прашање да го елаборираат од повеќе аспекти.

 

(За македонско – бугарските односи)

 

(Ова е вториот и последен дел од анализата на Сашко Тодоровски за медиумскиот третман на актуелниот момент во македонско-бугарските односи. Првиот дел можете да го најдете овде.)

 

Пишува: Сашко Тодоровски, дипломат од кариера – ополномоштен министер

 

Прескокнувајќи го за кратко вториот, да го погледнеме третиот „проблем“: заедничка комисија за историски прашања и заедничко одбележување празници. И ова прашање БалканИнсајт го „покрил“ со своето јавување од 13.10.2013 година. Дали е можно бугарскиот МНР да не бил информиран дека веќе се преземаат конкретни чекори во функција на воспоставување таква научна соработка? Или дека веќе имаме примери на заедничко прославување историски настани, додуша не на нашите две територии туку во – Германија. Значи волја за ова постои на обете страни. Оттука повторно се наметнува прашањето – како е ова проблем? Од јавувањата на новинарите никако не произлегува дека проблем постои, но отсуствува и констатација дека проблем, всушност, не постои.

Ако за новинарите било проблематично како да се однесуваат кон проблеми кои не е видливо како се проблеми, сепак нивната улога по однос на вториот „проблем“ е од суштинска важност. Имено, според Вигенин проблем е нашата уставна одредба да се грижиме за нашата дијаспора и тој верува дека во Договорот за пријателство треба да се вгради одредбата од Времената спогодба со Еленската Република. Новинарите не ни ја понудиле таа формулација сместена во ставот 2 од членот 6 на Времената согласност, а која гласи:

 

„2. Втората Страна овде свечено изјавува дека ништо во нивниот Устав, а особено членот 49, како што е изменет со Амандман, не може, ниту треба да биде толкувано, ниту кога било ќе биде толкувано како основа за Втората Страна да се меша во внатрешните работи на друга држава за да заштитува статус и права на кој било други личности во други држави кои не се граѓани на Втората Страна.“

 

Ако се имаат предвид сите проблеми што Бугарија ги имаше со Советот на Европа токму во областа на националните малцинства, пред сѐ поради одбивањето да го признае постоењето на македонско национално малцинство на своја територија и нецелосното или евазивно (не)спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во полза на нашето малцинство во Бугарија, се наметнува впечатокот дека новинарите добиле простор ова прашање да го елаборираат од повеќе аспекти.

 

Третманот на малцинствата

 

Едновремено, ова е прашање кога новинарот може да побара експертска помош, а евентуално и експертско мислење ако сака на својата јавност да ѝ ја раскаже приказната за феноменот на македонско-бугарските односи или дури и да навлезе во аналитичко новинарство. За жал, често овие два инструменти на новинарство се бркаат и сѐ повеќе експертската помош изостанува. Експертското мислење е заокружен став и/или толкување каде не секогаш ги гледаме премисите, односно фактите врз основа на што тој или таа го формирале таквото мислење. Експертската помош, пак, значи насочување на новинарот на определени документи или извори на сознанија што овозможува и новинарот, а ако дел од тоа биде пренесено и самата јавност, да формира сопствена платформа за мислење, па дури и преку неа да ги оценува и експертските мислења.

Во даденава ситуација, малку поопитен експерт (не таканаречените или често самонаречените „аналитичари“) веројатно би укажал дека одредбата од Времената спогодба, која е од 1995 година, денес би била во отворена колизија со два мошне важни и влијателни меѓународни договори кон кои не само што обете земји, значи и Македонија и Бугарија се договорни членки, туку и учествуваа во нивното создавање. Тоа се Европската конвенција за државјанство и европската Рамковна конвенција за заштита на национални малцинства. Обете стапиле во сила по 1995 година, значи по склучувањето на Времената согласност. Првата го релативизира поимот „граѓанин“ на една држава, затоа што е сега сосема легално да се имаат две или повеќе државјанства. Значи, може да се има резидентност во една држава, а да се биде државјанин и на друга држава и таа врска автоматски значи должност на таа држава да се грижи за својот државјанин. Впрочем, не ретко нашите медиуми јавуваа за македонските државјани што „зеле бугарски пасош“.

Втората, пак, Рамковната конвенција е радикална промена во, до пред петнаесетина години, табу темата – заштитата на националните малцинства. Во членот 1 на овој меѓународен договор се вели:

 

„Заштитата на националните малцинства и на правата и слободите на припадниците на тие малцинства е интегрален дел на меѓународната заштита на човековите права и, како таква, претставува област на меѓународната соработка.“

 

Со оваа одредба и формално завршува ерата кога националните малцинства можеа многу почесто затворено да бидат асоцирани со територијални претензии и, исто толку формално и официјално започна ерата на националните малцинства како област на соработка меѓу државите. Значи, во моментот кога би се потпишал договор со Бугарија со одредба како онаа од Времената спогодба, Македонија ќе ја погази својата обврска што ја презела со Рамковната конвенција. Истото важи, и тоа во потполно иста мерка, и за Бугарија.

 

Кој во чии внатрешни работи се меша или не се меша

 

Од таква перспектива, можеби новинарите можеле да го отворат прашањето дали Бугарија со таквото барање се „брани“ од наше вмешување во нејзината внатрешна политика или дури и од некакви си наши територијални претензии. Ако се работи за првото, за мешање во внатрешните работи, тогаш малку поопитниот експерт сигурно ќе му укаже на новинарот на пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот Радко против Македонија. Имено, во тој случај Бугарија побара од Судот да се вмеша, тоа ѝ беше одобрено, и таа застана на страната на оние македонски државјани што веруваат во своето бугарско етничко потекло и нивното право да се организираат и слободно да го искажуваат своето мислење. Македонија го изгуби овој случај и тоа сосема со право. Но, од друга страна, дали тоа значи дека Бугарија има право да се „меша“ во нашите внатрешни работи, но, Македонија треба и писмено да се обврзе дека го нема тоа право?!!

Ако се работи за второто, значи македонски територијални претензии спрема Бугарија, се чини неопходно прво здраворазумски да се постави прашањето: дали е можно, на кој и да е начин и по која било основа, Македонија да открадне територија од земја сосед, многу поголема и помоќна, членка не само на ЕУ, туку и НАТО? Конечниот суд најслободно треба да се препушти на јавноста … Дали пак македонското малцинство во Бугарија смее да мечтае и отворено да заговара сецесија од Бугарија? Да, категорично вели Европскиот суд за човекови права, пресудувајќи во полза на ОМО Илинден Пирин, а против Бугарија.

Што е со обратната насока? Дали е макар и теориски можно Бугарија да ѝ „открадне“ дел од територијата на Македонија. Впрочем, како што посочивме претходно, бугарската „Атака“ токму со такво барање истакнала предлог- резолуција ни помалку ни повеќе туку во бугарскиот Парламент. Зошто тогаш нашите новинари не го отвораат прашањето дали во тој Македонско-бугарски договор за пријателство Бугарија ќе се завети дека нема и нема да има какви да се територијални претензии спрема Македонија?

На овој стадиум, значи со малку експертска помош, новинарот има простор не само да ѝ понуди на јавноста повеќе релевантни факти, туку и да отвори редица прашања, па и да размислува за клучното новинарско прашање, но и срцевината на секој добар трилер – зошто! Дијапазонот е широк. На пример, дека Бугарија осцилира меѓу две опции: македонската и желбата, инаку блискиот сосед, да го види во ЕУ и НАТО и еленската и помалку патетичните напори да се фабрикуваат проблеми и тогаш кога ги нема само и само да се оправда поддршката што ѝ ја дадоа на Елада. Или, дека Бугарија ја користи тактиката во меѓународните односи позната како „пробни балони“, а со цел да испита какви сѐ отстапки можат да добијат од Македонија (па и Србија) во процесот на евроинтеграцијата. Еднаш кога ѝ ќе се понудат клучните факти на јавноста, новинарот создал можност не само тие да си формираат релевантна платформа за мислење, туку си создал и себе си, тогаш и само тогаш, можност да понуди сопствена интерпретација или приказната да ја заврши со: еве, всушност, за што се работи … Дури во оваа фаза новинарот излегува од технички пренесувач на протоколарни вести и влегува во водите на журнализмот.

 

Зошто договор кога има декларација на ниво на премиери?

 

Можеби интересно, а можеби парадоксално, но, највисокиот стадиум настапува во моментот кога новинарот ќе се реши да ги анализира можностите на Бугарија да го реализира својот ултиматум. Тука, по своја прилика, веќе не се работи за пожелност, туку се неопходни и експертска помош и експертски мислења. Имено, за да се антиципираат идни потези, сепак, неопходно е да се фрли поглед врз меѓународно-правниот инструментариум. Тоа, за жал, не беше присутно во јавувањата за оваа тематика.

Најпрвин, зошто Бугарија бара договор кога веќе постои декларација и тоа на ниво на премиери? Ако сме веќе сведоци дека во Македонија може да се казнува за непочитување препорака на нашата Влада, зар не би можела Бугарија да нѐ казни за непочитување на Заедничката декларација од 1999 година? Впрочем, во неа пишува:

 

„… Република Македонија изјавува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање на Република Македонија во внатрешните работи на Република Бугарија со цел да го заштити статусот и правата на лица кои не се државjани на Република Македонија…“.

 

Е, проблемот е во тоа што ниту еден меѓународен суд нема да прифати надлежност за „декларација“ (или препорака) додека меѓународен договор е тнр. правно-обврзувачки акт и автоматски значи дека е само прашање пред кој суд би се повела постапка за негово прекршување.

Меѓутоа, дали Македонија има интерес или „мора“ да склучи ваков договор? Второво има јасен одговор: нема правна основа Македонија да биде принудена да склучи таков договор. Најдобар правен извор за вака категорички одговор е „Македонската хашка пресуда“ (в. во Практикумот). Имено, во точките 132 и 138 Судот, наведувајќи ја својата обемна јуриспруденција, нагласува дека обврската е: „…да се преговара во добра верба…“, а не „…да се дојде до решение…“, односно да се склучи договор. Понатаму, изговорите дека такво нешто, односно дека во регулативата на ЕУ постои обврска за склучување договор со кој ќе се реши „билатерален спор“, а што Елада го истакна како оправдување, Судот во точката 109 ги отфрла, па дури и се повикува на пресуда на луксембуршкиот Европски суд на правдата (значи судот на ЕУ).

Впрочем, ако се погледнат и одредбите од членовите 44 и 117 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Македонија со Европската заедница и нејзините земји членки (уште еден куриозум со спомнатиот Практикум: иако во содржината се најавува оваа Спогодба, истата во текстот ја нема!), Македонија би направила ДИСКРИМИНАЦИЈА доколку ги третира понеповолно бугарските државјани со македонско потекло! Ако се погледа поопсежно оваа Спогодба, можеби некој новинар ќе се запраша: зошто е потребен посебен, билатерален договор кога сиве овие „проблеми“, додуша со позитивни формулации се разрешени токму во Спогодбата!

Ако се ова решителните факти, и јавноста и новинарот можат да антиципираат или барем да се обидат да предвидат како ќе се развива интригантната приказна за македонско–бугарските односи во наредните продолженија…

(Крај)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Една мисла во “Медиумите и Договорот за добрососедство со Бугарија (2)

  1. Проблемот не е само во едуцираноста на новинарите туку и во нивото или стандардите на уредувачката политика која се задоволува само со презентирањето на проблемот без критичка анализа. И по овој повод сметам дека е штета овие анализи да останат ‘‘затворени‘‘ за пошироката јавност каде што се присутни многу контраверзи.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести