verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

И дипломатските коресподенти изумираат, зар не?

on 11 - 12 - 2013       
OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Дипломатијата не е игра, освен можеби во овој случај – кога се игра на табла, наместо во стварност. Фото: nachof

(за македонско-елинските односи)

Ако веќе се пласираат информации и изјави или дури и толкуваат одлуки од меѓународната арена без елементарна проверка на фактите, тогаш за какви анализи може да зборуваме

 

Пишува: Сашко Тодоровски, дипломат од кариера – ополномоштен министер

 

Третата четвртина на XX-иот век на површина исфрли една специфична категорија новинари и уредници: новинарски специјалисти за надворешно-политички прашања. Тоа, како поделба на работата во медиумските уредништва формално и понатаму постои, но, тнр. „дипломатски коресподенти“ – се чини дека изумреле.

Воведувањето на таа категорија се базираше на многу јасни причини или разлики од известувањето за внатрешно-политичките случувања. Брзото и дневно новинарство не можеше да се справи со долгорочноста на надворешно-политичкото и дипломатско дејствување. Дотолку повеќе што привидната едноставност на внатрешно-политичката сцена новинарите често ја сведуваат на изјава од политичар од позицијата наспроти изјава на политичар од опозицијата. Но, за надворешно-политичка тема дури е тешко да се направи селекција – што сè треба (и мора) да се опфати за да се исполни критериумот на „минимум опфатени фактори“. А, тие се многубројни. И на крај, можеби најважно – како да се поврзе тоа со внатрешно-политичките збиднувања!

„Решението“ во актуелниот македонски медиумски етер е многу видливо и лесно: ѝ се препушта на публиката таа самата да си носи заклучоци. Медиумите, тука подразбирам и позициони и опозициони и неутрални, нудат крајно парцијални информации, а публиката – тие нека се снајдат. Нека си ги „врзат“ работите …

 

„Разубавување“ на пишувањето на „Катимерини“

 

Еден од последните шокови беше изјавата на грчкиот министер за надворешни работи Вензилос на неодамнешниот состанок на шефовите на дипломатиите на НАТО дека членството на Македонија во НАТО наводно не било поврзано со грчко-македонските односи туку со општите критериуми на НАТО. Либертас (04.12), на пример, се решил воопшто да не коментира. Можно е да се нашле крајно затекнати по пренесувањето на написите од грчките медиуми каде била изнесени поголема загриженост дека Елинската Република може да попушти пред надворешниот притисок.

Имено, само два дена претходно, и Утрински и Фаланга, како и повеќе други медиуми, го пренесоа пишувањето на грчкиот „Катимерини“ практично без сопствен коментар, но со јасна алузија дека, на пример, Елада е уплашена од можниот притисок на трите најсилни центри на ЕУ (Берлин, Париз и Лондон). Притоа, незабележана остана контрадикцијата дека наспроти овие „центри“ во написот на „Катимерини“ не се наведуваат политичари од овие земји, туку се споменува дека „пред десетина дена помошник државниот секретар на САД за Европа, Викторија Нуланд поставила прашање за приемот на Македонија во Алијанската во разговор со грчкиот амбасадор во Вашингтон, Христос Панагопулос“. Автоматски, наместо да се постават новинарски прашања во функција на разјаснување на информацијата, се оставило да изгледа дека на трите ЕУ центри им се придружува и – САД!

Сител, пак, решил да ги поедностави работите до максимум. Апстрахирајќи се од сите други фактори, ни дава „надеж“:

Дејмон Вилсон, директорот на Атланскиот Совет на САД, очекува дека во текот на летото ќе се направат нови напори да се убеди Грција да ја симне блокадата за прием на Македонија во НАТО. Чекорите би биле во пресрет на самитот на НАТО кој во септември ќе се одржи во велшкиот град Њупорт. Атланскиот Совет е водечка организација која работи на проширување на НАТО.“

На истата линија застанува и Вечер воведувајќи нов фактор во меѓународното одлучување:

Шефицата на хрватската дипломатија, пак, Весна Пусиќ најави дека е можно и Македонија да стане членка на НАТО на Самитот на Алијансата идната година. – Наш став е дека Црна Гора е подготвена и работите кои треба да ги доврши дека ќе стигне да ги комплетира до септември месец идната година. Ние сметаме и дека Македонија е земја што е подготвена, со која треба да се работи за до деветтиот месец во 2014 година биде подготвена за членство, изјави Пусиќ.“

Флеш Вести, известувајќи за изјавата на Венизелос, се решиле да понудат толкување:

„И покрај тоа што официјална Атина, како што секојдневно јавуваат локалните медиуми, чувствува притисок дека големите светски сили своите дипломатски активности ги насочуваат кон евентуален пресврт во однос на Македонија на самитот на НАТО следната година, дипломатски кругови во Атина коментираат дека Венизелос на Кери му ги повторил веќе познатите црвени линии на Грција: Македонија не може да влезе во НАТО под привремената референца ФИРОМ и време е Скопје да преземе чекори за решавање на прашањето за името. Атина постојано тврди дека таа направила се што е во нејзина можност, и оти сега е ред на Скопје.“

 

ФИРОМ – кратенка како политички Франкенштајн

 

Меѓутоа, како што сите пренесувачи на „Катимерини“ сосема професионално цитираат текст каде се употребува кратенката без да го коментираат тоа, така и Флеш Вести, исто толку професионално, решиле да направат политички Франкештајн – „привремената референца ФИРОМ “. Извесно е дека во меѓународните односи е малку потешко да се проверувааат некои факти, ама, во конкретниот случај, овој факт е сосема лесно проверлив. Сè што треба да се направи е да се влезе на сајтот на Обединетите нации и да се провери како е примена Македонија во ОН! Во сите три, сосема необемни, пасуси треба да се провери кратенката. Веројатно своевиден проблем ќе се појави кога новинарот ќе констатира дека таму – кратенката не постои! Или дека вооопшто не сме примени во ОН со резолуцијата 817 на Советот за безбедност (што е крајно популарно кај нашите политичари), туку со резолуцијата 47/225 на Генералното собрание – значи не со одлука на пет или петнаесет земји, туку со гласање на сите членки на ОН. Колку тоа да му се чини безначајно на еден новинар – дипломатските коресподенти одлично знаеја дека токму таа разлика е цела една планина.

Ако веќе се пласираат информации и изјави или дури и толкуваат одлуки од меѓународната арена без елементарна проверка на фактите, тогаш за какви анализи може да зборуваме. Сепак, два медиуми направиле напор да ги „врзат“ работите во колку-толку заокружена целина.

 

Како стојат работите – clausula rebus sic stantibus

 

На една страна, МТВ, преку својот постојан дописник на МРТ од Атина прави солиден пресек на редица фактори што играат улога, вклучувајќи ги покрај веќе посочените и средбата Венизелос-Хејг во Лондон, потоа соопштението на Француската мисија во ОН, како и средбата на германската канцеларка Ангела Меркел со медијаторот Метју Нимиц, па дури и се повикува на: „одредени кругови во грчката дипломатија [кои] изразиле загриженост дека и покрај јасниот став на грчката страна дека сака име за сите употреби со јасна географска одредница пред терминот ’Македонија‘, постои чувство дека по јуни следната година ќе има јасна мобилност со потенцијална пресвртница на самитот на НАТО во Лондон во септември“.

Иако не можеме да зборуваме за ист вид едностраност присутен кај претходните јавувања, сепак и во овој случај,  јавувањето на МТВ е парцијална информација заради целосното изоставување на врската на надворешната со внатрешната политика и поточно – внатрешните состојби било во Атина било во Македонија. Ова второво е практично суштинско за да се разбере актуелниот момент, но и таквите навидум контрадикторни информации: од страв дека Елада ќе биде принудена да попушти до, само два дена подоцна, тоа дека проблем е дали Македонија ги исполнува условите за НАТО. Практично единствен вистински напор во таа насока е обидот на Дневник да ја погледне изјавата на Венизелос, но и на Аврамопулос од пред два месеци, низ призмата на евентуалниот демократски дефицит на актуелниот македонски политички момент. Во јавувањето се прави солиден пресек на појави што кулминираа на нашата сцена токму последнава година, посебно ако сметаме од тнр. „црниот 24-ти декември“, преку продолженото затворање медиуми и неразбирливо високата затворска казна за Кежаровски и редица други прашања што дури и не се наброени во ова јавување на Дневник.

Мултиперспективноста на набљудувањето и известувањето за меѓународните односи, и посебно за билатералните односи на Македонија со една земја се обесмислува до крајност доколку не се земе предвид – внатрешниот фактор. Ако пред пет години обидите на атинските политичари да го затскријат своето индивидуално вето зад меѓународната заедница остануваа практично без резултат, сега, можеме да констатираме согласно клаузулата rebus sic stantibus, не само што внесуваат двојби кај меѓународните фактори, туку постепено, и на огромна наша жалост – стануваат реални!

Тоа не значи дека меѓународната заедница ги променила своите ставови и посебно не преку ноќ. Впрочем, тоа е лесно видливо и од сајтот на НАТО каде стои одбележување на октомвриската посета на генералниот секретар на НАТО на Атина. Во таа прилика, како и во навистина голем број други прилики, на новинарско прашање, Расмунсен го повторува ставот од 2008 година. Но, од тој прилог е видливо дека НАТО го цени факторот ЕУ и посебно – претседавањето со ЕУ. Нагласувајќи дека пред НАТО стојат сериозни ризици, тој очекува Елада да ги опфати тие прашања за време на своето претседавање со ЕУ во првата половина од 2014 година.

(Продолжува – вториот дел од анализата ќе биде објавен идната недела)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести