verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Црвено светло за етноцентризмот (2)

on 26 - 11 - 2013       
6990860451_5bb0f365c0_z

Заедничка граѓанска акција – Марш на мирот по ланското убиство во Гостивар (Градски парк, Скопје, 17 март 2012 година), Извор: ФОСМ

“Голото“ пренесување на изјавите на високи функционери без адресирање на проблемот на етноцентризмот, во пракса може да води кон ширење на извртени перцепции, а со тоа и на нетрпение и раѓање на омраза.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Овој напис е втор дел од анализата на проф. Најчевска за употребата на етноцентризмот во македонското новинарство. Првиот дел беше објавен минатата недела и него можете да го најдете овде.

 

Превртена перцепција во вид на пристрасност кон себе може да се најде во текстот под наслов “ВМРО-ДПМНЕ: На Македонија повторно и е нанесена неправда“. Во него може да се прочита:

“Добрососедските односи се приоритет за Република Македонија и ние сме одлучни да ги градиме врз основа на дијалог, почитување и меѓусебно разбирање. Поединечните одлуки или настапи не можеме да ги коментираме, затоа што тие самите говорат за себе и говорат за приоритетите на страните кои што ги превземаат, истакна Димовски.“

односно,

Вчерашните одлуки во Европската Унија се плод и израз на неконструктивноста на нашиот јужен сосед, кој наспроти декларативните заложби за поддршка на проширувањето на ЕУ, повторно не смогна сили субјективниот интерес да го стави на страна и под регионалниот и општиот интерес, рече тој.

Во моментот кога некој на страната на својата етничка заедница гледа само позитивни нешта, а на страната на другата етничка заедница само негативни, може да се постави прашањето за постоење на етноцентрично гледање на работите. Ова посебно е зајакнато со очигледното префрлање на вината за отсуството на посакуваниот резултат врз другите, без никаква релација на овој резултат со сопственото делување/неделување.

“Голото“ пренесување на изјавите на високи функционери без адресирање на проблемот на етноцентризмот, во пракса може да води кон ширење на извртени перцепции, а со тоа и на нетрпение и раѓање на омраза.

На пример, информацијата под наслов „Ахмети: За разлика од македонските политичари, ДУИ не говори како празна воденица“ со која се пренесува говорот на Али Ахмети, може кај припадниците на албанската и македонската заедница да ги потенцира етноцентричните чувства и да провоцира етнички базиран анимозитет.

Македонците во етноцентричниот начин на прикажување на работите секогаш прават „добри“ работи, додека припадниците на другите етнички групи не. Со цел потенцирање на етноцентричната линија, во дел од медиумите се прави конфузија околу поимот Македонец како припадник на етничка заедница и Македонец како државјанин на Република Македонија.

На пример, во известувањата кои зборуваат за храброста и признанијата кои ги добиваат македонските војници во мисиите на НАТО во Авганистан, никогаш не се спомнува припадноста на етничката заедница, туку се зборува само за Македонци како државјани на Република Македонија (МАКЕДОНСКИ ВОЈНИК ВО АВГАНИСТАН: ХРАБРОСТ И ИЗДРЖЛИВОСТ ЗА ПОЧИТ; НАТО: македонските војници во Авганистан извршуваат витални функции). Во овие извештаи не е важен податокот дека (според некои извори) околу 40% од војниците кои од Македонија се заминати за Авганистан се припадници на албанската етничка заедница во Македонија,   или, на пример, дека командант на првото одделение кое заминало во Авганистан бил мајор Фето Бајрами. Кога се зборува за војниците од Македонија во Авганистан, се создава впечаток дека станува збор за храбри и доблесни Македонци (како припадници на македонската етничка заедница).

Наспроти на ова, кога се известува за присуство на граѓани од Македонија во редовите на бунтовнички групи (посебно кога станува збор за групи со религиозен предзнак), вообичаено се истакнува и етничката припадност кога се работи за припадници на албанската етничка заедница. На пример: Албанци од Македонија во Тирана се регрутираат за Сирија? или, Албанци од Македонија се борат во Сирија

Најмалку дваесетина лица, главно од албанската етничка заедница во Македонија, учествуваат во вооружените судири во Сирија, а уште осумдесетина и во други земји – Авганистан, Дагестан, Ирак, Ингушетија…, кои се мотивирани од верски, исламски мотиви…

… Сознанијата покажуваат дека гостиварецот во Сирија ~ пристапил на една од најекстремните опозициски групи, која има околу пет илјади борци и чиј командант Абу Мохамед ал-Голани ~ искажал верност на најпознатата терористичка организација Ал каеда.

Во овој случај веќе не станува збор за Македонци како државјани на Република Македонија, туку за Албанци од Македонија.

Етноцентризмот може да се идентификува и во серија написи направени во врска со преминувањето на границата од страна на грчки или албански ловџии (“Вооружени Грци и Албанци ловат или провоцираат?“,   “За добрососедството, ловџиските сачми и македонското сафари“). Во најголем дел од написите се испраќа јасна порака дека станува збор за смислена провокација и се извлекуваат многу широк дијапазон заклучоци кои во голема мера го надминуваат настанот:

Па замислете си, не дај боже, ситуацијата да беше обратна и македонски ловџии да го сторат истото што со години го прават нашите соседи и оружени да навлезат само неколку сантиметри на грчка или на албанска почва. Мислам дека она што би следувало по хипотетичката ситуација во најблага форма Атина и Тирана би го претставиле пред меѓународната јавност како страшен меѓудржавен инцидент, кој бил планиран со години од страна на лошите Македонци…

Наспроти на ова, под насловот “Македонско знаме на грчка територија?“ со гордост се истакнува акт кој очигледно претставува кршење на законите на соседна држава:

Заедница од 25 планинари членови на Планинарско спортскиот клуб „Пелистер“ на годинешното зимско искачување на врвот Кајмакчалан на надморска височина од 2.524 метри го развеаја македонското знаме на грчка територија. Искачувањето го направија од грчката страна на планината, со старт од зимскиот скијачки центар „Ворас“. 

Планинарите немале намера да провоцираат или да испраќаат политички пораки. На тој дел од теренот само малкумина знаат каде точно се протега државната граница меѓу двете земји.

Ова претставува школски пример за етноцентрично толкување на конкретен настан, или, кога правиме нешто, „ние“ сме морални и добри, а кога истото го прават другите,  „тие“ се неморални и лоши.

Етноцентризмот не е лесно да биде препознаен. Тој може да биде маскиран во руво на природна национална гордост или зад еднострано пренесување на факти.

Новинарот треба да има посебен сензор за идентификување на етноцентризмот. Не заради тоа што етноцентризмот постои само кај нас или заради тоа што ние нешто посебно сме склони кон него, туку заради тоа што етноцентризмот претставува сублимат на стереотипи и предрасуди кои го хранат и создаваат услови за  дискриминација и говор на омраза.

Време е медиумите во Македонија да го запалат црвеното светло.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести